Во февруари, рускиот претседател Владимир Путин го одржа главното обраќање на луксузната конференција, насловена „Модерни медицински технологии: предизвиците на утрешниот ден пред времето.“
„Го создадовме овој форум за дискусија за ветувачки решенија кои дури сега се појавуваат и се тестираат, но кои многу наскоро суштински ќе ги променат…животите на луѓето“, рече 71-годишниот Путин, неколкупати застанувајќи за да си го прочисти грлото.
Централниот дел на говорот на Путин беше најавата за 14-тиот „национален проект“ на Русија, потфат наречен Нови технологии за здравјето. Националните проекти се мултилатерални иницијативи предводени од владата насочени кон подобрување на клучните области како што се демографијата, образованието, земјоделството и здравствената заштита, кои беа воведени од Путин во 2005 година и редовно се појавуваат во неговите кампањи за неконкуентните избори.
На 16 мај, нешто повеќе од една недела по петтата претседателска инаугурација на Путин, вицепремиерката Татјана Голикова официјално го претстави новиот проект и најави дека ќе започне во 2025 година. Голикова истакна дека руските „демографски трендови“ создадоа нови „предизвици за здравствената заштита“. Тоа, пак, може да помогне во развојот на „напредните патишта на медицинската технологија“.
Таа конкретно ги спомна технологиите насочени кон забавување на стареењето на клетките, невротехнологиите и „другите начини за зголемување на животниот век“. Клучен аспект на новата иницијатива ќе биде работата на „биомедицинските технологии на иднината за активно и здраво стареење“, објави државната новинска агенција РИА Новости.
Фокусот на забавување на стареењето и зголемување на долговечноста го привлече вниманието на многумина во медицинските кругови.
Новиот национален проект ги одразува „каприците на стареењето на Политбирото“, рече специјалист во една болница во Москва.*
„Сите стареат, вклучително и политичарите“, рече тој. „Терапиите против стареење се многу популарни, а условите за воведување нови технологии се поволни.“
Новата истрага на Система, руската истражна единица на РСЕ и медиумот на руски јазик во егзил Медуза го испитува новиот национален приоритетен проект на Путин и ги разгледува некои од идеите и клучните играчи.
slobodnaevropa.mk