Стратешката определба на Босна и Херцеговина е влез во НАТО – барем така е предвидено во Законот за одбрана.
Но, Република Српска веќе долго време го оспорува она со што и самата своевремено се согласи. Ставот на Бања Лука, кој ја одразува длабоката институционална и безбедносна блокада во земјата, го условува изостанувањето на БиХ од актуелните регионални иницијативи.
Иако БиХ е членка на Партнерството за мир и има професионални Вооружени сили под државна команда, таа де факто е парализирана. Внатрешната поделба го спречува напредокот и сѐ почесто ја става БиХ во неблагодарна регионална позиција на држава која територијално е во центарот на Западен Балкан, но надвор од сериозните безбедносни дијалози.
БиХ надвор од новите аранжмани
Во овој контекст, се чини дека дури и политичките иницијативи кои доаѓаат од опкружувањето не сметаат сериозно на БиХ како доверлив или функционален партнер. Неодамнешната декларација за воена соработка меѓу Хрватска, Албанијаи Косово, како и договорот меѓу Србија и Унгарија за заемна воена помош – претставуваат нова безбедносна динамика во регионот, но БиХ во тие процеси нема јасна улога.
И постоечките механизми, како што е Договорот за субрегионална контрола на вооружувањето од 1996 година, дополнително ја усложнуваат ситуацијата. Воениот аналитичар Неџад Ахатовиќ за ДВ оценува дека договорот е технолошки застарен. „Воениот биланс на Западен Балкан не постои веќе цела деценија. Србија и Хрватска водат трка во вооружување во рамките на тој договор, бидејќи не ги надминуваат дозволените квоти по воени родови“, посочува Ахатовиќ и додава: „Но, денес за војна се потребни далеку помалку средства – беспилотните летала, на пример, воопшто не се опфатени со договорот. Затоа тој или треба да се напушти како концепт на воен баланс, или да се обнови со појасни и построги критериуми“, додава аналитичарот.
Амбициите на Додик и неговата опасна реторика
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, отворено најавува можност тој ентитет, како да е посебен меѓународен субјект, да влезе во воениот сојуз на Србија и Унгарија. Иако станува збор за политичка реторика без правна основа, ваквите изјави не се без последици. „Тоа претставува грубо кршење на Уставот на БиХ“, предупредува Ахатовиќ, потсетувајќи дека Додик веќе е осомничен за напад на уставниот поредок и дека неговите изјави предизвикуваат дополнителни тензии во БиХ и во регионот.
Воено-политичкиот аналитичар Владимир Вучковиќ смета дека обиди за сојузи во регионот надвор од постоечките структури како што се НАТО или ОДКБ (руска Организација на договорот за колективна безбедност), се чинат неодржливи бидејќи, како што вели, „двата новоформирани сојузи повеќе кажуваат за желбата за регионална доминација отколку за вистинска кохезија. Односот меѓу Србија и Унгарија има економска логика – Унгарија сака да се ослободи од старото оружје што не ги задоволува стандардите на НАТО. Но, кохезијата во таквите сојузи не произлегува од заедничка визија, туку од меѓусебни анимозитети спрема противничките блокови“, вели Вучковиќ. Според него, подобар би бил алтернативен пристап. Тој посочува дека „наместо да учествуваме во такви структури, би било попаметно да се угледаме на Австрија – земја која ја користи својата неутралност за економска стабилност и не е членка на ниту еден воен сојуз“.
Глобален контекст и регионални последици
Воено-политичкиот коментатор Антонио Прленда предупредува дека геополитичките промени, вклучително и враќањето на Доналд Трамп на американската политичка сцена, дополнително влијаат на безбедносните математики во регионот.
„Искуството на Украина покажува дека САД веќе не се толку сигурен сојузник сѐ додека Трамп е на власт. Неговата политика пренасочена кон Индопацификот и ривалството со Кина може да значат намалување на американскиот ангажман во Европа – вклучително и евентуално повлекување на војниците од Косово“, смета Прленда.
Во тој контекст тој гледа логика во алијансата на Хрватска, Албанија и Косово како „начин земјите од регионот да се подготват за можни безбедносни вакууми. Неодамнешната посета на хрватскиот министер за одбрана во Турција не е случајна – Турција е клучен партнер и на Косово и во БиХ. Сето ова има одвраќачки ефект, особено спрема Србија“, вели Прленда.
Косово како катализатор
Тој додава дека во случај на криза на Косово, сојузништвата на тие земји би можеле да се префрлат и на БиХ. „Ако Бошњаците и Хрватите во БиХ се на иста страна, нема потреба да стравуваме за БиХ. А, се чини дека Додик во Република Српска веќе ја нема поддршката што ја очекуваше – граѓаните на БиХ, без разлика на националноста, сѐ повеќе избираат мир и стабилност наместо политички авантури“, вели соговорникот на ДВ.
Што се однесува до договорот меѓу Србија и Унгарија, Прленда е дециден дека „тоа е популистички одговор од Вучиќ на декларацијата од Загреб – за внатрешна употреба. Орбан му помага на Вучиќ како Путинов играч кон друг играч на Путин. Сето тоа потврдува дека ЕУ и регионот треба дополнително да бидат внимателни.“
Во сето ова БиХ останува заробена меѓу внатрешните поделби и надворешната недоверба. Прленда оценува дека е тешко да се зборува за БиХ како доверлив меѓународен партнер „кога во ентитетот Република Српска од почеток имате великосрпски тројански коњ кој ги минира сите меѓународни иницијативи“.
Единствениот пат за БиХ е приближување до Европската унија – така природно би се отвориле и портите за НАТО, убеден е Прленда.
Регионалните договори, на прашање на ДВ, ги коментира и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. „Во регионот гледаме повеќе билатерални и трилатерални договори. Ја видовме Албанија со Косово и Хрватска, а сега и овој договор (Србија и Унгарија). НАТО не е дел од тоа и тоа не ја засега Алијансата“, вели Руте.
DW