Нови мерки на МВР: Тим ќе проценува ризик и ќе известува само ако има реална опасност од бомби, без прекин на наставата

Во сила се нови упатства, мерки и планови за справување со кибер заканите, според кои по проценка на ризик ќе се преземаат мерки, но без да се нарушува образовниот процес во училиштата. Се преземаат истражни дејствија за секоја дојава што пристигнува, а веќе има сознанија дека дел од нив потекнуваат од земјава, но и од ВПН адреси во Русија и Иран.

Како што истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, состојбата е целосно под контрола, а полицијата ќе биде во секое од училиштата, во сите институции. -Сигурноста, безбедноста и спокојот на граѓаните се на прво место.

Тој посочи дека е направен оперативен тим од различни институции кои учествуваат со свои експерти и бараат соодветни решенија за да се најде поинаков пристап кон електронските закани, исто така, нагласувајќи дека е донесено ново упатство за постапување и од петокот училиштата функционираат според тоа упатство. Истражните постапки, посочи тој, веќе имаат одредени сознанија за тоа од каде доаѓаат лажните закани.

-Генерално последните неколку дена според форензиката што се прави во МВР дојавите одат преку ВПН (виртуелни приватни мрежи) адреси, меѓутоа почетните се јавуваат од Иран и Русија. Важно е да се истакне дека тие ВПН адреси се платени преку крипто-валути, што дополнително ја отежнува можноста да се утврди точниот извршител на ова кривично дело. Имаме веќе изолирано во истражната постапка одредени сознанија за луѓе кои тоа го правеле и од територија на Македонија. Таа истрага е во напредна фаза и кога за тоа ќе дојде моментот, ќе ја информираме јавноста, изјави Спасовски.

Согласно со новите протоколи, Спасовски посочи дека МВР ќе известува доколку има каква било реална закана, додека се останато, како нереални закани со низок степен на веројатност, ќе се пренесуваат до степен, до кој што треба да бидат пренесувани.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска информира дека веќе се испратени дописи до сите градинки како да се постапува и како да се заштитат децата од какви било дојави за бомби.

-Ние постапуваме, не размислуваме. Веќе се испратени дописи до сите градинки како да се постапува и како да се заштитат од какви било дојави. Тоа е направено заедно со Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална работа во делот на градинките како да ги заштитиме и во случај да има дојави како безбедно да излезат децата од објектите, рече Тренчевска.

 

Извор: Република