Нови потреси на грчкиот остров Санторини, голем број граѓани го напуштаат

Во текот на ноќта и рано утрово продолжија умерените земјотреси во близина на Санторини, меѓутоа грчките сеизмолози смируваат и велат дека се следи ситуацијата, додека пак според медиумите во Грција, од синоќа голем е бројот на граѓани кои го напуштаат островот, јави дописничката на МИА од Атина.

Земјотресите во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос не надминуваат 4,4 степени според податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, а директорот на институтот Василис Карастатис посочи дека епицентарот на последователните потреси се оддалечува североисточно од Санторини, што според него е позитивно за островот и последиците врз објектите.

Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) Ефтимиос Лекас утрово уште еднаш истакна дека не постои поврзаност меѓу сеизмичката активност североисточно од Санторини со вулканската активност, објаснувајќи дека на островот се 15 научници и сите дошле до истиот заклучок.

– Во однос на сеизмичката активност состојбата не е променета. Постои во последните 24 часа и не можеме да кажеме дека веднаш ќе заврши. Ќе бидат потребни неколку седмици, посочи Лекас.

Поради зголемениот број земјотреси во изминатите неколку дена, како што пишуваат грчките медиуми, голем дел од жителите на Санторини, но и посетителите што во моментов се таму, од синоќа го напуштаат островот, за денеска летовите се исполнети и не постојат слободни места, па затоа, грчката авиокомпанија „Ејџијан“, утрово соопштија дека за денеска и утре воведува вкупно три вонредни летови од и кон Санторини.

Градоначалникот на Санторини Никос Зорзос, говорејќи за грчките медиуми утрово рече дека не станува збор за масовно заминување од островот, објаснувајќи дека по земјотресите во 2011 и 2012 година, островот и жителите стекнаа големо искуство.

Како што вчера објави МИА, по одржаните состаноци на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и Комисијата за следење на вулкански активности при Министерство за климатски кризи и цивилна заштита на Грција донесоа неколку препораки и превентивни мерки, меѓу кои и училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи денеска да останат затворени.

 

 

denesen.mk