Новото барање на Трамп ги потресе сојузниците во НАТО

Барањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сојузниците во НАТО да потрошат 5% на годишно ниво од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана, ги потресе европските метрополи две недели пред неговото враќање во Белата куќа.

„Мислам дека НАТО треба да има 5 проценти“, рече Трамп на прес-конференција во вторникот. „Сите тие тоа можат да си го дозволат“, додаде Трамп.

Двојно и повеќе од тековната цел
Тоа е огромно зголемување од ветувањето од 2 проценти за кое се согласија сојузниците на НАТО, но што се покажа проблематично за неколку европски нации. Тоа е, исто така, дури и многу повеќе од 4-те проценти што ги бараше за време на првиот мандат како претседател. На самитот на НАТО во Вашингтон минатата година, воената алијанса откри дека најмалку две третини од нејзините членки потрошиле 2 проценти или повеќе за одбрана оваа година, а само Полска ја пречекорила и границата од 4 проценти.

Сепак се насетуваше дека европските членки на НАТО ќе мора да посегнат подлабоко во џебот за да ја оживеат слабата индустриска гранка за одбраната и да се спротивстават на потенцијална закана од Русија. Сепак, повеќе аналитичари за ДВ велат дека зголемувањето на издатоците за одбрана на 5% се чини невозможно во актуелната економска ситуација, дури и за релативно побогатите нации.

Да се бараат 5%, но да се прифатат 3,5%?
Оптимистичко толкување на барањето на Трамп е дека тоа е преговарачка тактика и дека НАТО, како сојуз на еднакви, ќе постигне прифатлив договор, според Рафаел Лос, политички соработник во Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), кој се фокусира на безбедност и одбрана во евроатлантската сфера.

„Мислам дека зголемување на трошоците за одбрана на 3,5% Европејците може да го сметаат за пореално“, оценува тој за ДВ од Берлин. „Но, песимистичкото сценарио е дека тој е сериозен да ја извлече Америка од НАТО и да го охрабри Путин да го прави што си сака“, вели Лос.

Последното барање на Трамп се чини дека „во суштина е прва понуда“ и тој може да се задоволи и со помалку, смета Иан Лесер, шеф на канцеларијата во Брисел на германскиот Маршалов фонд. „Но, дури и 3% или 3,5% би биле премногу за многу членки“, посочува Лесер.

Не заборавајте ја Русија, вели шефот на НАТО
Минатиот месец првиот човек на НАТО, Марк Руте, ја потсети европската јавност на руските инвестиции во одбраната од „7% до 8% од БДП“ истата година и рече дека Европа треба да се префрли на „воен начин на размислување“ и „турбополнење“ на одбранбеното производство на континентот.

Тој апелираше земјите да се откажат од дел од буџетите за социјална помош и да трошат повеќе на одбраната. „Во просек, европските земји до една четвртина од својот буџет наменуваат за пензии, здравствени и социјални системи“, рече Руте. „Нам ни е потребен мал дел од тие пари за да ја направиме нашата одбрана многу посилна и да си го зачуваме нашиот начин на живот“, споредува Руте.

 

 

 

 

DW