Нов Закон за средно образование, ќе има стручна матура и влезен академски испит

Текстови на нов Предлог-закон за средно образование и нов Предлог закон за стручно образование и обука, на предлог на Министерството за образование и наука, утврдени се вчера на седница на Влада.

Целта на новиот закон за средно образование, според предлагачот, е да се овозможи унапредување на системот на средното образование, со што директно ќе се влијае на квалитетот на целокупниот систем на образование во државата.

Учениците, како што информира владината прес-служба, во процесот на средното образование ќе се стекнат со знаења и вештини, со кои ќе можат да го продолжат своето натамошно образование, но истовремено ќе ги направи учениците компетитивни на пазарот на трудот и ќе го олесни нивниот пат до вработување или самовработување.

Посебна новина којашто се воведува е во поглавјето „Испити на крајот на средното образование“, односно воведувањето стручна матура и влезен академски испит.

По завршувањето на последната година на гимназиското образование, како што е предвидено, учениците полагаат државна матура или училишна матура. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ програма) учениците полагаат меѓународна матура и/или државна матура.

По завршувањето на последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците полагаат стручна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со двегодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит. По завршувањето на последната година во средното уметничко образование, учениците полагаат уметничка матура.

Концепцијата за испити на крајот на средното образование ја изготвува Државниот испитен центар, а на предлог на Државниот матурско-академски одбор, ја утврдува министерот.

 

neavisen.mk