Денеска нов обид за отпочнување на судењето за случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово.
Пред две недели почетокот беше одложен бидејќи двајцата обвинети во случајот Бобан Вучески и Артан Етени дојдоа на закажан термин без своите бранители.
На прашање на судијата Јордан Велковски зошто со нив не се дојдени и нивните адвокати тие одговорија дека не знаеле дека со себе треба да носат адвокати за да почне судскиот процес.
Велковски го одложи почетокот за денеска и посочи дека доколку и денеска не дојдат заедно со својата одбрана судот ќе им определи адвокати по службена должност.
Покрај овие лица, обвинет за случајот е и поранешниот директор на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими.
Основното јавно обвинителство Тетово во јули годинава до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице во врска со пожарот во Модуларната болница во Тетово кој се случи вечерта на 8 септември минатата година, и во кој живото го загубија 14 лица меѓу кои 12 пациенти и две лица кои во моментот на несреќата биле придружба.
фото: Архива