Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка и поднесе обвинение против 18 физички и едно правно лице за повеќе кривични дела, меѓу кои продолжено криумчарење, фалсификување исправи, компјутерски фалсификат, прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, спречување докажување и злоупотреба на лични податоци.
Во периодот од август 2020 година до април 2022 година, обвинетите вршеле пренос преку царинска линија на непријавени стоки – луксузни автомобили во вкупна вредност од големи размери. Тие ја избегнувале царинската контрола, фалсификувале службени исправи и лажните јавни исправи ги употребувале како вистински за да ги регистрираат автомобилите, а потоа со цел да ги прикријат кривичните дела, ги сокривале возилата и меѓусебно ги препродавале по неколкупати во краток временски период. За прикривање на возилата кои биле предмет на криумчарење и царински измами е обвинето и правното лице – авто салон од Кочани.