Судија на претходна постапка донел одлука да му одреди домашен притвор на Асмир Јахоски бидејќи бил старател на четири деца, од кои три малолетни, поради нарушена здравствена состојба и бидејќи немало ризик од бегство, соопшти денеска Јавното обвинителство.
Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари, заедно со сопствениците на компанијата РКМ Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски кои веќе добија мерка притвор, а јавноста бараше одговори зошто на Јахоски му е одреден домашен притвор.
Иако надлежните органи не ги соопштија имињата на лицата опфатени во овој случај, од почетоков на неделава медиумите ги објавија со име и презиме.
Во денешното образложение на Обвинителството се вели дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности коишто биле „на страна на осомничениот“ дека бил старател на неговите четири деца, од кои три малолетни, дека имал оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба била нарушена за што доставил документација.
„Сите овие околности, како што е истакнато во решението, одат во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство. Така, Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа“, се вели во соопштението.
Претходно на 11 март Судот соопшти дека јавниот обвинител се согласил „за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор“ за Јахиски, што бил прифатено од Судијата на претходна постапка.
Инаку, Обвинителството за гонење на организиран криминал поднесе кривична пријава против 13 лица и една компанија од Скопје, поврзани со перење пари и злоупотреба на службена положба.
slobodnaevropa.mk