Маркетите, аптеките, продавниците за технички и мебел во С.Македонија од петок (18 април) ќе треба транспарентно да ги објавуваат цените на своите производи на нивната официјална вебстраница. Трговците мораат јасно да ги истакнат сите цени, вклучувајќи го името на производот, цената со ДДВ (и единечна цена), опис, достапност и редовна цена. За попусти, треба да се прикаже и намалената цена и времетраењето. Цените мора да се ажурираат секој работен ден до 10 часот за потрошувачите да можат да споредуваат во реално време, што се очекува да ја зголеми конкуренцијата и да ги намали цените.
Оваа обврска е во согласност со измените на Законот за заштита на потрошувачите кои ќе стапат на сила во петок, на 18 април, откако на Министерството за економија му беше даден рок од 45 дена да создаде правилник за тоа кои информации за стоките и на кој начин малите, средните и големите трговци треба да ги објавуваат цените на интернет.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, минатата недела изјави дека измените на Законот за заштита на потрошувачите обезбедуваат транспарентност на цените, бидејќи малите, големите и средните пазари ќе мора да ги објавуваат на нивните веб-страници.
„Тоа ќе им даде можност на клиентите да одлучат каде ќе купуваат“, рече Ристески, додавајќи дека станува збор за „израелски модел на контрола на цената на производите кои се применува и во Италија и во Хрватска“.
Тој посочи дека една од новите можности за контрола на цените и измените на Законот за прекршоци, каде покрај казните од 500 до 10.000 евра, во зависност од големината на маркетот, е воведена и поригорозна мерка за затворање на маркетот на 15 дена, пренесе агенцијата МИА.
DW