АД МЕПСО објави меѓународен тендер за изградба на 400-киловoлтната конекција со Албанија, проект за комплетирање на регионалниот енергетски коридор Исток-Запад што е од клучно значење за регионалната интеграција и за енергетската стабилност на државата.
Новиот тендер е објавен откако, како што објаснуваат од компанијата, претходниот изведувач преку неоправдани барања за дополнителни средства и еднострано напуштање на теренот го загрози проектот и јавниот интерес поради што беше раскинат договорот со него.
Со тендерот се предвидува изградба на 100-тина километри надземен далновод од Трансформаторската станица Битола 2 до македонско-албанската граница во вредност од околу 17 милиони евра, финасирани преку заем и грантови од ЕБОР и европските фондови.
Рокот на доставување на понуди е 45 дена, а се очекува во третиот квартал од годинава да биде избран најповолниот понудувач. Реализацијата на проектот треба да почне на почетокот на следната година, а целосно да биде завршен до крајот на 2027 година.
„Изградбата на овој интерконектор ќе го позиционира нашиот систем како суштински дел од европската електроенергетска инфраструктура, овозможувајќи стабилно учество на регионалните пазари, пристап до системски балансни услуги и обезбедување на посигурно, поекономично снабдување за сите граѓани“, рече генералниот директор на АД МЕПСО Бурим Љатифи на денешната прес-конференција во Владата.
slobodnbaevropa.mk