Од денеска во функција е ставена хипербарната комора во Општата болница со проширена дејност – Кочани, добиена како донација, со која ќе се овозможи рехабилитација на повредените во трагичниот пожар во клубот „Пулс“.
Со терапијата во комората ќе се овозможи брза и успешна ревитализација на изгорениците, како и санирање на последиците од интоксикација на организмот по вдишувањето на штетните гасови од чадот во пожарот.
– Вкупно 27 повредени во „Пулс“ од денеска почнаа со рехабилитација во нашата болница. Заедно со нив медицинска нега за опоравување од повредите добиваат уште 11 лица. Тие се распределени на одделнијата за неврологија, хирургија и физикална терапија. Здравствената состојба им е стабилна – информираа од Општа болница – Кочани.
Санирањето на повредите од пожарот ќе трае подолг период, но со користењето на хипербарната комора се очекува времето за рехабилитација значително да се скрати. Според експертите, користењето на комората во период од еден час, заменува престој во планина во период од 7 до 10 дена.
4news.mk