Почнувајќи од 1 јануари следната година, Хрватска повторно ќе го воведе задолжителниот воен рок кој ќе трае два месеци, изјави министерот за одбрана Иван Анушиќ.
Воениот рок во Хрватска беше суспендиран во 2008 година, но земјата го отвори прашањето за враќање на воениот рок, бидејќи другите европски земји почнаа да размислуваат за слични мерки во услови на зголемени тензии.
„Ќе трае два месеци, ќе започне на 1 јануари 2025 година и едноставно ќе продолжиме да правиме се за што комунициравме со јавноста. Ги зголемивме платите на војниците, подофицерите и офицерите, нивните материјални права не само преку лични примања, туку и преку дневници и се што им следува“, изјави Анушиќ за телевизијата РТЛ.
Тој рече и дека се работи на опремување и модернизација на хрватската армија во согласност со договорите со сојузниците од НАТО.
„Мислам дека ќе имаме многу подобра, посилна и подобра слика за вооружените сили од претходно“, рече Анушиќ.
Покрај Хрватска, и српските власти во регионот најавија дека размислуваат за воведување на задолжителен воен рок, иако во јавноста, не се зборуваше многу за тоа.
slobodnaevropa.mk