Германската федерална статистичка служба (Дестатис) ги објави резултатите од споредбата на цените на храната во Европската Унија (ЕУ), подготвени врз основа на податоците преземени од Европскиот завод за статистика (Евростат), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Врз основа на овие резултати, Источноевропејците сѐ повеќе се погодени од зголемувањето на цените, бидејќи тие на храна трошат поголем дел од своите приходи.
Цените на храната во Литванија во април се повисоки за 22,1 отсто во однос на истиот период претходната година, а по неа следува Бугарија со зголемување на цените од 21 отсто.
Растот на цените на храната во Летонија во април достигна 17,7 отсто, а во Унгарија 17,3 отсто, што е значително над просекот на ЕУ од 8,9 отсто.
Во Германија, потрошувачите во април мораа да потрошат просечно 8,5 отсто повеќе на храна и пијалаци, додека во Ирска цените се зголемија за 3,6 отсто.
Додека едно домаќинство во Романија треба да потроши 28,3 отсто од своите приходи на храна, овој процент во Германија изнесува 11,1 отсто, што се должи на конкурентноста меѓу снабдувачите на храна.
Цените на производите од групата на цврсти и течни масла за јадење во ЕУ во април пораснале во просек за 23 отсто во однос на истиот месец од претходната година. Зголемувањето на цените на производите од наведената група е 48,4 отсто во Шпанија, 43,8 отсто во Португалија, 43,6 отсто во Бугарија и 27 отсто во Германија.
извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).