Од понеделник од 8 часот во сите училишта во Србија, ќе има полициски службеници кои ќе бидат присутни до крајот на наставата.
„Ќе делуваат превентивно“, информира Данило Стевандиќ, државен секретар во српското МВР.
Во гостувањето на РТС, тој додал дека годинава српската полицијата ќе вработи 1.200 нови полицајци.
„Веќе утре од 08:00 часот, пред почетокот на наставата, во сите училишта во Србија, од кои има околу 1.800, до крајот на наставата ќе бидат присутни полициски службеници кои превентивно ќе делуваат за да не дојде до прекршоци и да се спречи нивното извршување“, рече Стевандиќ.
Ангажирањето на дополнителни 1.200 полицајци, вели тој, ќе обезбеди секое училиште да има полицаец кој ќе се грижи за безбедноста на учениците и вработените.
„Посебен акцент ќе ставиме на учениците во сообраќајот во училишните зони, како и на откривањето на огнено оружје, психоактивни супстанции…“, порача Стевандиќ.
Тој нагласил дека освен во училишните зони, во наредниот период ќе се зголеми ангажманот на полициски службеници на сите јавни места каде што се собираат голем број граѓани – плоштади, улици, железнички и автобуски станици, спортски настани.
nova.rs