Околу 2000 работници аплицирале за работа во Отворен Балкан

Во сите три држави од Отворен Балкан досега околу 2000 граѓани се пријавиле да добијат сертификат со кој ќе може да најдат работа во соседната земја. За нив, во тек се безбедносните проверки. Дел од оние кои аплицирале, велат дека процедурата е едноставна и не се губи време по шалтери. Македонските стопанственици стравуваат од одлив на работници.

Ана Стамболиќ е 27-годишна девојка од Ужице, Србија, магистер по меѓународни односи која во своето студентско портфолио преку различни програми се образувала на универзитети во САД, Обединетото Кралство и Кина. Работно искуство, пак, има од неколку невладини организации. Сега, се надева дека ќе успее да најде работа во Скопје.

„По дипломските студии во САД и магистратурата во Кина, одлучив да се вратам на Балканот. Иако планирав да работам во Србија, во меѓувреме го запознав мојот партнер кој е од Скопје. Се одлучивме засега да живееме тука е бидејќи тој тука живее и работи, а и Скопје ми се допаѓа како град“, вели Стамболиќ.

Патот до работа во Северна Македонија решила да го започне преку Отворен Балкан. Таа е меѓу првите кои решиле да ја искористат можноста за олеснет пристап до пазарот на труд во трите земји кои се дел од оваа иницијатива – Северна Македонија, Србија и Албанија.

Мерката во пракса значи граѓаните да не губат време по институции, како МВР и Агенција за вработување, за да обезбедат дозволи за работа и за престој, туку целиот овој процес да се одвива електронски. На крајот се добива сертификат врз основа на кој може да се бара работа. Целата процедура е предвидено да трае 30 дена.

Оваа мерка стана достапна на 5 март, а кај граѓаните на трите држави, според податоците од македонската Влада, има интерес.

„Досега се издадени вкупно 2 000 сертификати (идентификациски броеви) во сите држави“ велат од Владата за РСЕ.

Иако ја прашавме Владата во Скопје, освен вкупниот број за сите три земји, не дадоа подетален одговор на нашите прашања – колку државјани на Северна Македонија се пријавиле за сертификат во Србија, а колку во Албанија, како и по колку државјани од овие држави аплицирале за сертификат за пристап на македонскиот пазар на труд.

slobodnaevropa.mk