Буџетите на Онкологија и Хематологија двојно се зголемени во однос на 2023 година. Овие две клиники ќе добијат речиси половина од вкупниот буџет на Фондот за здравство. Годинава Онкологија ќе има на располагање над 3 милијарди, а хематологија 800 милиони денари.
Од ФЗО потенцираа дека ваков чекор е неопходен за да не се случи пациенти повторно да останат без неопходна терапија. На светскиот ден за борба против ракот директорот Клековски го претстави планот за подобар третман на тешко болните. Најави повеќе лекови за повеќе пациенти, како и воведување за прв пат скапа биолошка терапија за рак на простата. Тој рече дека преку преговори со фармацевтски куќи овозможиле пониски цени од 10 до 30 отсто за најголем дел од лековите.
Директорот на Онкологија информираше дека идната недела ќе биде распишан годишниот тендер за набавка на терапија и се надева дека нема да се соочат повторно со дефицит на одредена терапија.
Од Хема Онко здружението кое ги застапува пациентите со малигни заболувања изразија задоволство од најавените промени во интерес на тешко болните. Но, бараат да се прегледаат протоколите и да профункциуонираат комисиите за да се знае кои пациенти треба да ја примаат терапијата и таа да биде во континуитет.
Инаку еден од системските проблеми е што само 30-тина онколози и 20-тина хематолози во целата држава се грижат за илјадниците пациенти, а лекувањето е сконцентрирано само во Скопје. Се чека отворање на онколошкиот оддел во ГОБ 8 септември каде акцелераторот за зрачење ќе биде ставен во функција во втората половина од годината, а оној во Штип никогаш нема да проработи.
denesen.mk