Разорниот земјотрес што ја погоди Јужна Туркије на 6 февруари оштети 20 отсто од земјоделското производство во земјата, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), јавува Анадолу.
„Првичните процени во Туркије укажуваат на сериозни штети на земјоделството, вклучувајќи ги посевите, сточарството, рибарството и аквакултурата, како и руралната инфраструктура во погодените подрачја“, се вели во соопштението.
ФАО додаде дека земјотресите погодиле „11 клучни земјоделски области, погодувајќи 15,73 милиони луѓе и над 20 отсто од производството на храна во земјата“.
Организацијата, исто така, соопшти дека „плодната полумесечина“ на Туркије сочинува речиси 15 отсто од земјоделскиот БДП и придонесува со околу 20 отсто во турскиот земјоделски извоз.
„Првите процени укажуваат на значително влијание врз земјоделството, со прелиминарни процени од 1,3 милијарди долари штета и 5,1 милијарди долари загуби во секторот“, се додава.
Земјотреси со магнитуда од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во градот Кахраманмараш, потресоа вкупно 11 области.
Неколку земји во регионот, вклучително Сирија и Либан, исто така, ги почувствуваа потресите што се случија за помалку од 10 часа.
Над 50.000 луѓе загинаа во последователните земјотреси во Туркије, според последните официјални податоци. Илјадници се повредени.
извор: Анадолу.
фото: Анадолу.