Опасен ТикТок предизвик: парацетамол остава кобни последици

Опасен ТикТок предизвик со земање на големи дози „парацетамол“ ги загрижува лекарите. Алармот неодамна пристигна од Швајцарија, а засега во Северна Македонија нема пријавено ваков случај. Токсиколозите алармираат на внимателност. Труењата со „парацетамол“ се меѓу најсмртоносните труења со лекови. Дури и мали дози 10-15 таблети предизвикуваат оштетувања на црниот дроб, а труењата со над 50 таблети многу често завршуваат со смрт.

Нема пријавено случаи во Македонија
Министерот за здравство, Арбен Таравари, вели дека досега не добил информација од Клиниката за токсикологија дека има случаи на згрижени млади луѓе кои пиеле парацетамоли како последица на предизвик на социјалните мрежи.

Истата информација ја потврдува и директорот на Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје, Андон Чибишев, кој алармира на претпазливост.

„Нова опасност им се заканува на нашите деца. Експериментот со парацетамолот е исклучително опасен и може да заврши со тешко неповратно оштетување на црниот дроб или смрт. Токсичната доза изнесува 5 до 15 грама или 10 до 30 таблети од 500 милиграми или леталната – смртна доза е 20-25 грама“, предупреди тој на социјалните мрежи.

Кои се штетните последици врз здравјето
Според токсиколозите, труење настанува заради исцрпување на метаболичкиот систем на црниот дроб, силното хепатотоксично дејство на N- ацетилмидокинонот – составна компонента на парацеталот, што предизвикува некроза или распаѓање на хепатоцитите, клетки што го градат црниот дроб.

„Следува таканаречен токсичен хепатитис што има исклучително тешка клиничка слика, проследена со масивни внатрешни крварења, тешко засегање на централниот нервен систем – енцефалопатија и акутно откажување на бубрежната функција. Ги повикувам надлежните институции внимателно да ја следат состојбата“, апелираше директорот на Токсикологија.

И докторот Нико Беќаровски предупредува на сите опасностите коишто ги носи прекумерната употреба на парацетамол, откако од почетокот на годината, на платформата „Тикток“ почна да кружи нов многу опасен предизвик меѓу младите.

„Колку и да звучи чудно, труењата со парацетамол се меѓу најсмртоносните труења со лекови. Дури и мали дози 10-15 таблети предизвикуваат оштетувања на црниот дроб. Од 20 до 40 таблети предизвикуваат сериозни труења и оштетувања на црниот дроб, а труењата со над 50 таблети многу често завршуваат со смрт, дури и при интензивно лекување“, укажува Беќаровски.

Секоја година, 30 до 50 отсто од акутните трансплантации на црниот дроб во САД и Европа се прават поради труења со овој лек. „Затоа, контролирајте ги вашите деца, пред да ни се случи нова трагедија“, советуваат токсиколозите.

Ако сепак се случи труење, а не се поминати два до четири часа, докторот советува веднаш да се дадат 10 таблети медицински јаглен и АЦЦ – 2 кесички и да се побара лекарска помош. Секундите, според него, некогаш значат спасен или изгубен млад живот.

 

 

DW