Од 288 проекти кои ги добија општините за да трошат пари од унгарскиот кредит најчесто може да се види фразата „реконструкција на улица“. Меѓу проектите за реконструкција на партерно уредување и изградба на фекална канализација, може да се најде и по некој за изградба на градинка и катна гаража.
Општина Лозово ќе реконструира партерно уредување кое ќе чини 35 илјади евра, Пехчево пак хортикултурно ќе се уреди со 77 илјади евра, но ќе потроши и во изградба на туристички центар и тоа 100 илјади евра. Ова се само еден мал дел од 288 проекти кои им се одобрени на општините, да ги реализираат со пари од заемот со кој Владата се задолжи кај Унгарија.
Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански вели дека и покрај тоа што еден од најгорливите проблеми на граѓаните се патиштата до околните села, сепак се одлучиле да градат туристички центар.
„Еден од водечките приоритети е развој на туризмот. Овој приоритет се провлекува неколку години на сите сесии кои се организираат за буџетот. Оттука е донесeна одлуката за проект како капитален инфраструктурен објект кој е во центарот на градот, за реконструкција на стара општинска зграда која сега е во многу лоша кондициска состојба да не речам руинирана“, вели Китански.
Тој најавува дека на следниот владин повик ќе аплицираат со реконструкција на пат и проект за водоснабдување на туристичка населба.
Сепак најголем дел од парите ќе се трошат за изградба или реконструкции на улици. Ако се погледне целосната листа која Владата ја одобри после првиот повик може да се забележи дека од 288 дури 213 се реализираат преку Министерството за транспорт што значи дека речиси сите се за улици и патишта, освен мал дел како што е оној на Општина Велес која ќе гради подземна катна гаража, Кавадарци ќе го реконструира базенот, а во Ѓорче Петров каде ќе се гради детска градинка.
Според објавените резултати на сајтот на Владата, во првата фаза за трошење на вкупно 250 милиони евра за развој на општините, било предвидено да се дадат 100 милиони. Но, вкупната сума на одобрени проекти се 75 милиони евра.
Радио Слободна Европа праша неколку општини зошто се одлучиле токму за проекти кои се за реконструкција на улици, а не за поголеми проекти, но одговор не добивме ниту од една.
Инаку најголема сума која ќе ја добие една општина е Куманово и достигнува речиси 4 милиони евра. Таму најголем дел од парите ќе се потрошат за индустриската зона Куманово, до која ќе се гради водовод, фекална и атмосферска канализација, внатрешни сообраќајници и осветлување. Тоа ќе чини 3,5 милиони евра.
slobodnaevropa.mk