Орце Камчев на црната листа на САД

Орце Камчев заврши на црната листа на САД. Американското министерство за финансии одлучи да го санкционира контроверзниот бизнисмен поради сомневање за корупција, перење пари и злоупотреба на службена положба, објави 24.мк.

Според американските власти, уште од почетокот на 2000-та година, името на Камчев се поврзува со коруптивни скандали а последни случаи за кои бил осуден се „Парцели на Водно“ и „Империја“. Со последната одлука, покрај тоа што му се забранува влез во САД, на Камчев му се замрзнуваат сите средства, поседи и имоти поврзани со него или неговите фирми на американска територија.

„Господинот Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија.“ – велат од министерството за финансии на САД.

Во документот се наведува и дека Камчев го искористил своето влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем во државата. Како пример е наведен случајот со поранешното СЈО, каде поранешната обвинителка Катица Јанева, беше обвинета за примање поткуп од Камчев, а потоа сведочеше дека тој платил во замена за поволни услови за апсење и исход на случајот.

„После скандалот СЈО пропадна. Како резултат на тоа, многу случаи на корупција на високо ниво кои СЈО ги разгледуваше остануваат во стагнација и нерешени, одложувајќи ја одговорноста за многу поединци кои се занимавале со корупција слична на Камчев.“ – велат од министерството за финансии на САД.

Американската амбасадорка во земјата пак порачува дека САД и во иднина ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци. Според американската амбасадорка, санкциите нема да влијаат само врз Камчев туку и врз сите останати кои имаат бизнис со него.

„Овие санкции не влијаат само на компаниите и имотот на г-дин Камчев, туку и на оние кои имаат бизнис со него. САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци кои го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста на Северна Македонија. Корупцијата има последици.“ – вели Анџела Агелер амбасадор на САД во Македонија.

Пред неполн месец, на црната листа на сад заврши иструшкиот градоначалник, Рамиз Мерко и членови на неговото семејство.

извор: 24.мк