Османи во интервју за БТВ: Ја охрабруваме бугарската заедница да отвори повеќе клубови, но и да ги смени имињата на постоечките

Посебен обвинител за говор на омраза, прашање на кое ќе се фокусира и посебна канцеларија при Народниот правобранител и претставник на бугарската заедница во Македонија во Министеството за политички систем и односи меѓу заедниците. Ова се дел од мерките што ќе се преземат во земјава за запирање на провокациите, говорот на омраза, како и на насилствата што произлегуваат од нив, најави шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи во интервју за бугарската БТВ.

„Бугарската заедница во Северна Македонија е во период на консолидација и на интегрирање во општеството. Со оглед на фактот дека и јас потекнувам од малцинска група, која на почетокот, исто така, имаше проблеми со обединување и интеграција, се чувствувам најсилно повикан да ја советувам бугарската заедница дека треба внимателно да го направи овој процес, без да предизвика негативни чувства кај останатите, да покаже дека нема злонамерност во иницијативите кои ги покренува. Ние ја охрабруваме бугарската заедница да се обедини во клубови, да отвори повеќе клубови“, одговори Османи на едно од прашањата.

Воедно, тој нагласи оти треба да се разберат и Македонците. кога се чувствуваат навредени од имињата на бугарските клубови. Затоа Османи порача дека бугарските клубови во земјава треба да си ги сменат имиња, како што наложуваат усвоените измени на законот за здруженија и фондации.

„Така вели законот. Ќе бидам доследен – јас лично имав дилеми околу ретроактивноста на одредени делови од законот. Но, одлуката на Собранието е таква што имињата не треба да се поврзуваат со периоди како што е фашистичкиот период од Втората светска војна, кои ги повредуваат чувствата на граѓаните. И клубовите ќе мора да го направат тоа. Следната недела планирам да ги поканам бугарските здруженија на собир, каде што ќе направиме план како да овозможиме бугарската заедница да ја декларира својата припадност, нејзиниот идентитет и културна припадност, да се интегрира во општеството. Имам искуство, имам волја и државата има волја да ѝ помогне на бугарската заедница да се интегрира“, истакна Османи.

Османи вчера престојуваше во Софија, каде со својот домаќин, в.д. министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, меѓу другото, го посетија и Христијан Пендиков, претепаниот генерален секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, кој со воено-транспортен авион „Фалкон“ беше превезен на лекување во бугарската престолнина.

извор: Телма