Министерството за надворешни работи официјално и препорача на Владата дека треба да се прифати предлогот на Европската Унија, вклучувајќи го ставот на експертите, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Мислам дека разговорите денеска беа отворени и транспарентни, се надеваме дека ќе го заокружиме брзо овој процес, рече Османи во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма.
Тој додаде дека не смета дека овој предлог е идеален, но, како што рече, ни овозможува после 17 години влегување и фаќање на последниот воз за пристап во ЕУ.
Се разбира дека секое решение, предлог, којшто треба да задоволи две страни е компромисен и дека не е идеален само за едната страна, било кој предлог ќе треба да ги остави двете страни подеднакво задоволни или незадоволни. И за овој предлог мислам дека не е идеален, но дека ни овозможува после 17 години влегување и фаќање на последниот воз за пристап во ЕУ – рече Османи.
Министерот потсети оти бугарските позиции беа дека не треба да има македонски јазик во ЕУ и дека треба да има поглавје 35 во кое сите барања на Бугарија ќе бидат таму.
Ние сега имаме рамка во која има чист македонски јазик кој станува официјален јазик на ЕУ без никакви додавки, квалификации. И со тоа после децении се завршува прашањето на македонскиот јазик. Мислам тоа е најголемата добивка, најголемиот успех. Најголемата победа на овој предлог е што засекогаш се затвори меѓународното оспорување на јазикот – рече Османи, додавајќи дека ова е можеби последниот воз за членство во ЕУ.
Османи посочи дека во делот на фундаменталните прашања во последниот предлог, каде се патоказите по кои мора да одиме, единствено имало акциски план за човекови права кој, според него, апсолутно не е спорен и во кој Македонија ќе дозволи почитување човекови права на сите етнички заедници, не само Бугарите.
Нема ништо спорно во тој дел – рече Османи.
фото: Архива