Османи: За дојавите за бомби во земјава ги алармиравме структурите на НАТО

И владиниот врв стана цел на „играта“ со дојави за бомби – скопскиот хотел „Александар Палас“, каде на настан на Стопанската комора требаше да се појават премиерот и министрите за финансии и економија, доби предупредување дека во него е поставено експлозивна направа. Ковачевски, Бесими и Бектеши не се појавија, а објектот беше испразнет.

Истото се случи и во најголемиот скопски шопинг центар, на градскиот стадион, во спортската сала „Борис Трајковски“, во десетина училишта…

Дојава доби и меѓународниот аеродром Скопје – објектот беше неколку часа блокиран поради полициските проверки, а сообраќајот беше запрен…, објави mk.voanews.com.

Два часа подоцна, откако беа завршени проверките и се утврди дека се лажни, дојавите за бомби, кои траат со месеци, премиерот Димитар Ковачевски ги карактеризираше како хибридна војна против земјава и директно ги поврза со руската агресија во Украина.

„За очекување е дека ова е дел со она што се случува во Европа. Ако ја гледате содржината на дојавата на бомбите многу е јасно дека во Европа постојат две страни – едната која вели дека државите не треба сами да го одредуваат својот демократски пат, како што е Украина, и друга страна на која ние и припаѓаме – демократскиот свет, членка на НАТО и страна која е составена од држави членки кои се дел од ЕУ, или земји кои ќе станат дел од ЕУ, како нашата“, рече Ковачевски.

Како аргументи дека дојавите не се само изолирани „несолени шеги“ на поединци, Ковачевски ги наведе нивната бројка, опфат, интензитет, цели и, како што рече, примерок на повторување, како и во соседните земји.

Образложението на полицијата дека е многу тешко да се влезе во електронската трага на сторителите, за опозицијата „не држи вода“. ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од првиот човек на МВР.

„Мислам дека сето ова се должи на неспособноста на министерот Оливер Спасовски кој веќе осма година го раководи министерството. Неспособноста се должи на аматеризмот, немањето капацитет и на целата партизација на МВР. И токму затоа МВР нема никаков авторитет за да ги пронајде сторителите. Не може на клучни позиции да бидат поставувани лица кои што се осудувани и кои што лежеле во затвор, од такви лица не може да очекуваме дека ќе се справат со криминалот кој што владее во Македонија“, рече Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Неможноста да се спречат вакви дојави ги принуди надлежните да алармираат и да се обратат до НАТО. Шефот на дипломатијата, Османи, денеска обелодени дека земјава стапила во контакт со, како што рече, структурите на НАТО, за „да се види каков хибриден пристап кон регионот може да се случи и која би можела да биде причината“.

Надежите се дека можеби, со асистенција на НАТО, ќе се стави крај на ваквите случаи кои веќе два месеца ја вознемируваат јавноста. Само вчера имаше дојави за бомби во 49 училишта во Скопје и во Куманово.

 

извор: mk.voanews.com.