Министерот за надворешни работи Бујар Османи, коментирајќи ги информациите дека авиокомпанијата „Гуливер“ ја прекинува продажбата на билети за авиолинијата Софија-Скопје, рече дека според неговите информации, прекинот најверојатно е поради преговорите на компанијата со бугарската Влада околу субвенционирањето на оваа авиолинија.
-Кога го разгледувавме ова прашање, разговаравме две опции. Првата опција беше да биде целосно комерцијална, односно дали ќе има интерес од страна на патниците, а втората опција – да биде субвенционирана од страна на владите при што Република Бугарија ја презеде обврската за субвенционирање. Мислам дека првата фаза беше обид да се види комерцијалната рентабилност. Според моите информации, мислам дека ова запирање е процес на преговори меѓу компанијата и Владата дали ќе има поддршка или не – изјави Османи.
Според него, би било добро доколку продолжи функционирањето на оваа авиолинија.
Дел од медиумите, повикувајќи се на специјализираниот портал за авиони „Екс Ју авијација“ објавија дека од 21 мај прекинува продажбата на авиобилети за летот Софија-Скопје поради непрофитабилност.
Авиолинијата Софија-Скопје почна да функционира од март, а нејзиното воспоставување беше резултат на договорот меѓу мешовитите владини комисии на Бугарија и Македонија.