Останува дупката во ПИОМ – откриени и „фиктивни“ вработувања

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на финансиските извештаи на Фондот на пензиско и инвалидското осигурување за 2023 година, при што е утврдено неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиската состојба. Идентификувани се слабости во спроведувањето на јавните набавки, пописот на средства и внатрешните контроли. Иако има зголемување на приходите, тие не се доволни за покривање на растечките трошоци за социјални бенефиции, што резултира со континуиран дефицит.

Според ревизорите, наплатените придонеси од плата на Фондот и во 2023 година не се доволни за покривање на дефицитот од 33 отсто за исплата на пензии. Приходите од наплатен придонес од плата за пензиско и инвалидско осигурување во 2023 година се зголемени за 13 отсто во однос на претходната 2022 година и изнесуваат над 63 милијарди денари со учество од 65,74 отсто во вкупно остварените приходи. Но, оствареното зголемување на приходите во 2023 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така секоја година бележат растат.

Процентот на средствата кои се одвојуваат од буџетот на државата до 2018 година континуирано се зголемува, од 2019 година бележи тренд на намалување. Во 2023 година учеството на трансферираните средства од буџетот на Северна Македонија учествува со 32,6 отсто. Во декември 2023 година бројот на осигурениците изнесува 573.372 лица додека бројот на пензионери изнесува 337.814 лица односно соодносот пензионери/осигуреници изнесува 1:1,70 и бележи мало намалување во однос на 2022 година кога изнесувал 1:1,71.

„Фиктивни“ вработувања и спорни награди
Покрај финансиската дупа, ревизорите укажуваат на низа слабости во работењето на пензискиот фонд. Предмети се трупале и не се решавале со години, а на платниот список се пронајдени луѓе за кои нема потврда дека доаѓале на работа, а земале плата, но биле делени и парични награди, за вработени кои „постигнуваат особени залагања“. Во 2023 година по овој основ исплатени се средства во износ од 2,5 милиони денари, но ревизорите наведуваат дека нема „веродостојна и соодветна поткрепувачка документација“ зошто се исплатени овие средства.

Во текот на 2023 година ангажирани се 206 физички лица со договор на дело за период од 2 до 12 месеци, за кои Фондот има обезбедено согласности од Министерството за финансии, за извршување на работни задачи согласно систематизацијата на работни места, за кои се исплатени средства во износ од 50.377 илјади денари. Ревизорите укажуваат дека не постои евиденција за присуство на ангажираните лица, поради што постои можност да се исплаќале пари на лица кои не доаѓале на работа и не ги извршувале работните обврски.

„Во договорите не е предвидена обврска ангажираните лица да доставуваат извештаи за извршената работа, што не обезбедува уверување во однос на исполнувањето на нивните работни задачи и обврски за кои се ангажирани при што поголем дел од договорите не се потпишани од страна на извршителите“, велат од ДЗР.

По основ на штети за исплатени пензии на починати корисници, времени пензии, семејни пензии или друг вид на неосновани исплати на пензии, има побарувања од граѓани во вкупен износ од над 211 милиони денари, од кои има и сомнителни и спорни побарувања во износ од над 163 милиони денари, за кои се покренати тужби, но уште не се наплатени средствата.

Според ревизорите, има побарувања и по основ исплата на пензии во износ од над шест милиони денари од претходни години за кои не е извршен поврат на средствата од трансакциските сметки на починати корисници. Неизвесноста од наплата на овие побарувања овозможува остварување на имотна корист на поединци за извршени неосновани исплати на пензии, за
кои потребно е да се преземат активности за нивна наплата, укажуваат ревизорите.

 

 

 

DW