Јужнокорејскиот отповикан претседател Јун Сук Јеол повторно ги игнорираше истражителите за време на испитувањето во врска со краткотрајната наредба за воена состојба од 3 декември, објавија локалните медиуми денес, јавува Анадолу.
Јун, кој од средата вечер се наоѓа во притворниот центар во Сеул, е во центар на истрагата на Канцеларијата за борба против корупција кај високи функционери, која „многу веројатно“ ќе поднесе барање за налог за негово официјално апсење пред Западниот окружен суд во Сеул, пренесе „Јонхап њуз“.
Јун беше приведен во вториот обид на заедничкиот истражен тим предводен од антикорупциското тело во средата.
Истражителите го испрашуваа повеќе од 10 часа во средата, но Јун, наводно, останал нем за обвинувањата за бунт и злоупотреба на службената положба поврзани со краткотрајното прогласување воена состојба.
Подоцна тој беше задржан во притворниот центар и оттогаш двапати одби да учествува на сослушувањето, наведувајќи здравствени причини.
Доколку судот не издаде нов налог до петок навечер, по истекот на 48 часа во притвор Јун ќе биде ослободен и ќе може да се врати дома.
Во четвртокот судот го одби неговото барање за ревизија на законитоста на притворот.
Полицијата во петокот го уапси и неговиот привремен шеф на обезбедување, Ким Сеонг-хун, кој е обвинет дека ги предводел активностите за спречување на апсењето на Јун.
Ким беше назначен за одговорен за претседателската безбедност по оставката на неговиот претходник, Парк Чонг-џун.
Парк беше во центарот на случувањата на 3 јануари, кога истражителите не успеаја да го уапсат Јун.
Набрзо Парк беше повикан на испитување за опструкција на државни службеници, по што поднесе оставка.