Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска беше домаќин на професори и ученици од ООУ „Ванчо Николески“ и нивни колеги и соученици од Романија, Португалија, Италија, Турција и Хрватска кои преку ЕРАЗМУС Плус програмата заеднички го реализираат проектот „ Наша култура, наша иднина“.
Во своето поздравно обраќање градоначалникот Пецаков, истакна:
– Огромна е честа да се присуствува на овој настан и да се биде домаќин на професори и ученици од неколку европски земји Романија, Португалија, Италија, Турција и Хрватска кои во наредниве неколку дена одблиску ќе се запознаат со културата, традициите и обичаите од нашето поднебје. Уште поголемо е нашето задоволство што Општинското Основно Училиште „Ванчо Николески“ како дел од ЕРАЗМУС Плус програмата неколку години по ред преку образовна мобилност ни носи Европски искуства во нашиов образовен процес.
„Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“. Затоа не скршнувајте од патот на кој веќе сте тргнале. Учете и крадете знаење. „Оној кој ќе престане да учи, старее, без разлика дали има 20 или 80 години. Оној кој постојано учи, останува млад.“
Драги присутни наредниве денови во рамки на проектот „Нашата култура, наша иднина“ вие ќе се запознаете со културните знаменитости на древниот Охрид, со традициите и обичаите кои со векови се негувале на ова поднебје. Верувам дека процесот на спознавање ќе го прифатите со задоволство.
Сончевиот Охрид кој се капе во бистрите езерски води има 365 цркви за секој ден од годината, а Самуиловата тврдина е сведок на средновековното македонско царство чија престолнина била токму во Охрид. Во Охрид по многу основи доаѓале светски познати личности, научници, уметници, доктори. Сите биле добредојдени и го пронашле она што го барале и заминуваат со многу инспиративни спомени кои ги терале повторно да се вратат и да ги почувствуваат убавините, духот и спокојот на овој древен град. Верувам дека дел од нив ќе бидете и вие. Дотогаш посветете се на учењето, вложувајте труд за да ги достигнете највисоките хоризонти. Само со учење ќе обезбедите најдобро место во општеството, односно она што вие го посакувате- рече градоначалникот Пецаков.
Гостите од неколку европски земји кои се дел од проектот во градов ќе останат пет дена и одблиску ќе се запознаат со неговите убавини, култура и традиции.
ООУ „Ванчо Николески“ од с. Лескоец и претходно беше дел од ЕРАЗМУС проекти. Преку програмата „Стратешки партнерства за училишна размена се реализираше проектот „Бришење бариери преку споделувања богатства“, а претходно се реализираше проектот „Чиста природа – долг живот“.
општина Охрид