Резултатите од приватната истрага на Трифун Костовски не нѐ изненадија ниту фрапираа, тие само го потврдија тоа што го изјавувавме и објавувавме минатите две години, велат од здружението на оштетени штедачи.
Штедачите бараат спомнатите институции да не реагираат со соопштенија туку да излезат на прес-конференции, а обвинителството да ја заврши истрагата која ја води година и пол.
Од здружението велат дека станува збор за масовен организиран криминал спроведен преку низа нелегални, законски забранети шеми на позајмици за покривање на достасани обврски на клиенти, перење пари преку воспоставени деловни односи со нерезидентни клиенти, злоупотреби на службена должност и овластување, фалсификување документи, измами, незаконски манипулации и превари.
-Сите овие активности се случувале со години и биле водени од раководниот тим на Еуростандард банка, потпишани и одобрени од претседателите на одборите и потпомогнати од нивни колеги на значајни позиции во банката. Ова се фактите за пропаѓањето на Еуростандард банка, причините да таа стане несолвентна и се затвори пред две години, нагласуваат од здружението.
Осврнувајќи се и на вчерашната прес – конференција каде беше презентиран извештај за пропаѓањето на Еуростандард банка подготвен, како што велат од здружението, од еминентни експерти во банкарскиот сектор, е само потврда за фактичката состојба за масовниот организиран криминал.
-Истрагата потврдува и дека Еуростандард банка воспоставила деловни односи со нерезидентни клиенти осомничени за перење пари. Па така, во првите три квартали од 2019 година, клиенти од Венецуела биле ангажирани во трансакции во вредност од 110 милиони евра, од кои 10 милиони евра биле дадени во форма на заеми на најекспонираните клиенти во Еуростандард банка.
Исто така, во извештајот се потврдуваат и криминалните дела со нелегално префрлените 3 милиони евра земени од депозитите во Еуростандард банка во соседната Комерцијална банка за да служат како залог за кредити на трети правни лица, а кои веќе имале голема изложеност во Еуростандард банка. На основа на таа нелегална трансакција, тие пари се повлечени од Комерцијална банка на денот за затворање на Еуростандард банка, се вели во соопштението.
извор: оштетени штедачи