ОЈО не најде фалсификат во дипломата на директорот на АНБ

По неколкумесечни проверки, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ги отфрли анонимните пријави против директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, за фалсификување исправа и употреба на исправа со невистинита содржина. Станува збор за две анонимни кривични пријави коишто беа поднесени против против шефот на тајната служба за употреба на исправа со невистинита содржина, поради поседување и користење на лажен ТОЕФЛ-сертификат за познавање на англиски јазик, добиен од наводно непостоечки испитен центар во Пловдив, Бугарија.

Во текот на проверките, како што информираат од Јавното обвинителство, било констатитано дека Христовски не направил лажна исправа за да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска, ниту пак како доказ употребил исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити. При проверките се пронајдени два сертификати, а едниот од нив го „спаси“ Христовски. Овој сертификат бил издаден по полагањe на TOEFL ibt тест во домашни услови во текот на 2022 година и тој се разликува од сертификатот издаден од Language School Julia CO.LTD.

Сомневањата беа дека Христовски при аплицирање за за неколку раководни позиции како директор во ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, асистент на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) користел уверение за познавање англиски јазик од Language School Julia CO.LTD, Пловдив, Бугарија. Во поднесените пријави било наведено дека овој центар не спроведувал тестирање за TOEFL iBT, ниту пак издавал меѓународно признати сертификати какви што се барале на огласите.

За да ги провери ваквите сомнежи, Јавното обвинителство на Северна Македонија во ноември минатата година испрати барање за меѓународна правна помош до Република Бугарија за да прибави податоци и докази за правниот субјект Language School Julia CO.LTD. Во исто време, од македонската Влада било побарано целокупното досие кое било формирано за директорот на АНБ.

„Проверките на бугарското Министерство за внатрешни работи покажале дека сопственичката подолг период се наоѓа надвор од границите на Бугарија. Од тие причини барањето за меѓународна правна помош од страна на бугарските надлежни органи не е во целост извршено и е вратено назад до македонското обвинителство, со прилог прибавена документација“, соопштија од Јавното обвинителство.

Поради тоа , извршени се дополнителни проверки. од нив било констатирано дека Христовски приложувал сертификат од Училиште за странски јазици Julia Co. LTD со број Е-ENG од 23.03.2022 година (курс за подготовка за испитот TOEFL), но и сертификат за положен TOEFL IBT од 26.03.2022 година со освоени 75 поени од кој се констатира дека полагањето било извршено во домашни услови преку Испитниот центар за Република Бугарија. Овој сертификат издаден од ETS визуелно, според Обвинителството, по форма и содржина се разликува од сертификатите кои што се доставени во прилог кон кривичната пријава.

„Имајќи ги предвид сите овие докази, јавниот обвинител констатираше дека и во ваквите наводи не се исполнети обележја на кривично дело“, велат од Јавното обвинителство.

Претходно и Државната комисија за спречување на корупција констатираше дека нема основа за постапување по пријавата за судир на интереси и корупција при именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. ДКСК во декември минатата година утврди дека Христовски ги исполнува условите за именување според Законот за АНБ, но истакна дека нема надлежност за директна експертиза на дел од документите.

 

 

 

DW