Прекината е наставата во повеќе основни училишта во Црна Гора поради дојави за поставени бомби, јави РТЦГ. Евакуирани се училишта во Никшиќ, Бар, Беране, Бијело Поље, Колашин, Херцег Нови, Цетиње.
Црноготското министерство за образование за АА соопшти дека наставата во тие училишта е прекината, а учениците и вработените се евакуирани. Според нив, Министерството е во постојана координација со службениците на Полициската управа.
Дојави за бомби добија и основните училишта „Вук Караџиќ“ и „Радомир Митровиќ“ во Беране, како и основните училишта во Петњица, Андријевица, Плав и Гусиње.
Дојави за бомби стигнаа и до основните училишта во Никшиќ и Колашин.
Полициската управа соопшти дека нивни припадници утрово ги обезбедуваат училиштата во кои пристигнале заканите за поставените бомби, вршат контрола и увид во објектите.
Се наведува дека управите и наставниот кадар на училиштата ги известиле родителите и дека активно соработуваат со полицијата.
– Потребно е родителите да продолжат да бидат во комуникација со наставниот кадар и управите на училиштата за да продолжи наставниот процес по завршувањето на полициските активности, се вели во соопштението.
Закани за наводно поставени експлозивни направи утринава пристигнале на адресите на општините Никшиќ, Бар и Беране, пишува Вјиести.ме.
Порталот Једро објави дека е евакуирана зградата на општина Бар, во која се сместени и судот, обвинителството, како и партиски простории.
Претседателот на општина Никшиќ ги повика граѓаните на смиреност, пишувајќи на Фејсбук дека е „страшно некој на ваков начин да се заканува со човечки животи“.
– Како и во неколку основни училишта, така и општина Никшиќ доби дојава за поставена бомба со закани дека ќе бидат загрозени човечки животи. Веднаш постапивме за евакуација на луѓето од зградата, во соработка со ЦБ Никшиќ, рече Ковачевиќ.
И во Беране е евакуирана зградата на локалната самоуправа. Претседателот на општината Тихомир Богавац за „Вијести“ изјави дека објектот е евакуиран согласно препораките на полицијата.
– Тие преземаат мерки и дејствија од нивна надлежност, рече Богавац.