Паолучи: Загадениот воздух убива околу 2.800 македонски граѓани годишно

Граѓаните на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични честички (PM2.5), во споредба со лица од Западна Европа. Ова го истакна директорот на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи, на конференција во Скопје за квалитетот на воздухот.

Тој посочи и дека загадениот воздух годишно убива околу 2.800 жители во Северна Македонија, како и дека покрај напредокот од 1990-те, загадувањето на воздухот е сѐ уште високо, особено во зимските месеци.

Според првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој се обрати на конференцијата, првиот фактор е тоа што домаќинствата и индустријата сѐ уште користат неквалитетно дрво и други извори за греење, посебно во зимската сезона.

Тој на 16 декември ја претстави новата Планска програма за почист воздух 2024-2030 и рече дека целта на програмата е долгорочно и среднорочно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Северна Македонија.

 

 

 

 

slobodnaevropa.mk