Како се менуваа главните ставки во државната каса во последниве 5 години?
Во 2018 година испланираните расходи во последната верзија на буџетот за таа година (ребаланс) биле 3,4 милијарди евра, додека приходите изнесувале 3,1 милијарди евра. Вчера, Владата го усвои Буџетот за 2023 година и можеме да видиме дека по 5 години имаме значителен раст и на расходната и на приходната страна, но и, со многу поголем „залет“, раст на буџетскиот дефицит. Така, планираната расходна страна за 2023 година е 5,3 милијарди евра, а планираните приходи се 4,6 милијарди евра, што значи дека буџетскиот дефицит е речиси 700 милиони евра.
За жал, оваа анализа на Пари не е обично следење на трендот на буџетската каса, затоа што и годините што се анализираат не се обични. Од март 2020 година во светот се прогласи пандемија, и додека нејзиното влијание сѐ уште беше големо, пред една година почна енергетската криза, или поточно ценовна криза во енергетиката предизвикана токму од пандемијата со сите пропратни економски фактори кои доведоа до енормен раст на цената на струјата, и потоа, со почетокот на војната на Русија во Украина светот се соочи и со недостиг на енергенти, со што продолжија високите цени за електрична енергија. Во вакви услови, голем дел од буџетите насекаде во светот се издвојуваа за помош на населението и добиваа поинаква структура за компаниите и државните каси. Така, буџетите реално не растеа од раст на економската активност, туку од задолжувањата. Поинаква структура добиваше и расходната страна.
СТРУКТУРА НА БУЏЕТИТЕ ВО ПОСЛЕДНИВЕ 5 ГОДИНИ
|во евра|
ГОДИНА |
ПРИХОД |
РАСХОД |
ПЛАТИ |
СУБВЕНЦИИ, ТРАНСФЕРИ, СОЦИЈАЛНИ ТРАНСФЕРИ |
КАПИТАЛНИ РАСХОДИ |
2023 година (Предлог буџет) |
4,6 милијарди |
5,3 милијарди |
567,7 милиони |
3,3 милијарди |
795 милиони |
2022 година |
4 милијарди |
4,7 милијарди |
540 милиони |
2,71 милијарди |
521 милион |
2021 година |
3,6 милијарди |
4,2 милијарди |
514 милиони |
2,5 милијарди |
484 милиони |
2020 година |
3,2 милијарди |
4,1 милијарди |
490 милиони |
2,5 милијарди |
310 милиони |
2019 година |
3,4 милијарди |
3,7 милијарди |
462 милиони |
2,12 милијарди |
369 милиони |
2018 година |
3,1 милијарди |
3,4 милијарди |
465 милиони |
1,98 милијарди |
301 милион |
Извор: Министерство за финансии/ последни верзии на ребалансите
Од табелата може да се види дека надоместоците за ПЛАТИ скокнале од 465 милиони евра во 2018 година на 567,7 милиони евра во 2023 година. Како што рече министерот за финансии, Фатмир Бесими, во овој износ е предвидено зголемувањето на платите од 15 % за кадарот во основното и средното образование, како и за негувателките и воспитувачите во градинките. Исто така, наредната година се очекува и нова методологија за пресметка на платите во јавниот сектор, затоа што според пресметките по сегашната формула, со сегашната пресметка постојат случаи кога државата го прекршува Законот за минимални плати, исплаќајќи плати под загарантираниот минимален износ.
КАПИТАЛНИТЕ РАСХОДИ ја чинат развојната компонента на секој буџет. Кога тој се прикажува, токму капиталните расходи посебно се акцентирани од власта и се прикажуваат износи кои не се достигнуваат во реалноста. Пари анализира како се резервираа средствата од буџетот за оваа намена низ годините. Обично, секогаш кога се прави ребаланс на буџетот „страдаат“ капиталните инвестиции, но никогаш нивната реализација не се изедначува ни со планот од ребалансот. Резервирањето на средствата (друго е реализацијата) покажува дека во 2018 година со последниот ребаланс биле планирани 301 милиони евра за капитални расходи, а за догодина се планирани дури 795 милиони евра.
СУБВЕНЦИИ, ТРАНСФЕРИ И СОЦИЈАЛНИ ТРАНСФЕРИ Субвенциите, трансферите и социјалните трансфери заеднички зафаќаат најголем дел од буџетот. А, токму овие планирани износи за 2023 година многу се разликуваат дури и од претходната година. Во 2023 година за овие намени, како што рече Бесими, се планираат 3,3 милијарди евра, при што за пензии се планирани 1,2 милијарди евра, 203 милиони евра за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението, 24 милиони евра за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност, 24 милиони за активни мерки за вработување, за здравствена заштита 683 милиони евра, 220 милиони евра за домашно производство на струја за справување со енергетската криза…
И годинава, а и во претходните две, со оглед на состојбата, имаше кризни мерки кои влегуваат во буџетските трансфери. Сепак, годинава сите овие трансфери, заедно со пензиите, според последниот ребаланс на буџетот се 2,71 милијарди евра, или речиси 600 милиони евра помалку од планот за 2023 година. Во 2018 година, пак, нивниот заеднички износ бил 1,98 милијарди евра, или 1,3 милијарди евра помалку од предложениот износ за наредната година.
Целата анализа е достапна на: Пари