Парламентарни избори во Германија, избори кои можат да го преобликуваат политичкиот пејзаж на земјата

Германците денес излегуваат на гласање на националните избори за да изберат нов Парламент и Влада, значајни избори кои можат да го преобликуваат политичкиот пејзаж на земјата, јавува Анадолу.

Гласачките места се отворија во 8 часот по локално време на речиси 90.000 локации низ целата земја, а ќе бидат затворени во 18 часот.

Според официјалните податоци, на изборите право на глас имаат над 59 милиони германски граѓани, меѓу кои 2,3 милиони лица ќе гласаат за првпат. Електоратот во голема мера се потпира на постарите гласачи, 42 отсто од гласачите се на возраст од 60 или повеќе години, во однос на само 13 отсто под 30 години.

Над 7 милиони граѓани со право на глас имаат имигрантско потекло, меѓу кои над 1 милион германски државјани со турско потекло.

Додека некои Германци веќе ги доставија своите гласачки ливчиња по пошта, илјадници граѓани кои живеат во странство на социјалните мрежи се пожалија дека нивните поштенски документи за гласање не пристигнале навреме.

– Конзервативецот Мерц се смета за фаворит –

Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) на опозицискиот лидер Фридрих Мерц се фаворити за победа на изборите, иако од нив не се очекува да добијат доволно места за самостојно формирање влада.

Најновите податоци од анкетата на ИНСА покажуваат дека сојузот на десниот центар ЦДУ/ЦСУ има поддршка од 29,5 отсто од гласачите, одржувајќи предност од повеќе од 14 поени пред Социјалдемократската партија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц.

Крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) достигна 21 отсто поддршка во најновата анкета, со што овие избори за неа ќе бидат најсилни федерални избори досега, позиционирајќи се како втора најмоќна политичка сила во земјата.

Истражувањето објавено во четвртокот покажа дека речиси 27 отсто од гласачите се неопределени на само неколку дена пред изборите, несигурни дали да гласаат или за која партија да го дадат својот глас.

– Сложениот изборен систем на Германија –

Германскиот канцелар се избира индиректно, односно гласачите избираат нови членови на Парламентот, кои потоа го избираат новиот канцелар со меѓусебно гласање.

Доколку победничката партија обезбеди мнозинство во Парламентот или успее да оформи коалициска Влада со апсолутно мнозинство, нејзиниот кандидат станува следниот канцелар на земјата.

Германија користи мешан систем на гласање каде секој граѓанин гласа со две гласачки ливчиња. Со нивното прво гласање, тие избираат конкретен кандидат кој ќе ја претставува нивната локална област. Нивното второ гласање поддржува политичка партија, одредувајќи ја вкупната застапеност на партијата во Парламентот кој се состои од 630 места.

Трипартиската коалициска Влада на канцеларот Шолц, составена од СПД, Зелените и ФДП, пропадна во ноември поради несогласувањата околу буџетот, програмите за социјална заштита, климатските цели и дали да преземе нов долг за инвестиции. Наместо да води малцинска Влада, Шолц се одлучи за предвремени избори, велејќи дека на Германија и треба силна и стабилна Влада за да се справи со нејзините предизвици.

 

Извор: АНАДОЛИЈА