Сите државјани на Косово што живеат во странство, а кои се пријавиле за гласање надвор од Косово преку пошта, од денес до 8 февруари имаат можност да гласаат за редовните парламентарни избори, јавува Анадолу.
Централната изборна комисија (ЦИК) преку известување информира дека започна периодот на гласање преку пошта за сите државјани на Косово што го избрале овој начин на гласање.
Според соопштението на ЦИК, периодот од 9 јануари до 8 февруари ќе важи само за граѓаните што успешно се пријавиле како гласачи надвор од Косово и кои гласачкото ливче го пратиле преку пошта до едно од поштенските сандачиња отворени надвор од Косово или до поштенското сандаче на ЦИК во Косово.
Во меѓувреме, оние што се пријавени за физичко гласање во едно од дипломатските претставништва на Република Косово се известуваат дека гласањето ќе се одржи на 8 февруари 2025 година.
Потсетуваме, редовните парламентарни избори во Република Косово ќе се одржат на 9 февруари, а официјално изборната кампања започнува на 11 јануари.
Според одлуките на ЦИК, за учество на изборите се сертифицирани вкупно 28 политички субјекти, со вкупно 1.280 кандидати што ќе се натпреваруваат за 120 пратенички места во Собранието на Косово.