Парламентот на Албанија соопшти дека бил откриен кибернапад врз законодавниот дом на земјата, а се вели дека нема загуба на податоци од кибернападот, пренесува Анадолу.
Во соопштението објавено од прес-службата на Парламентот на Албанија се истакнува дека вчера бил откриен кибернапад врз Парламентот на Албанија, додека веб-страницата на Парламентот е надвор од функција.
Во ова соопштение се наведува дека според експертите, овој напад е наменет за интервенција во инфраструктурата и е обид за бришење податоци.
„Податоците во системот не се погодени и експертите се целосно ангажирани од моментот кога ја забележаа оваа интервенција надвор од институцијата. ИТ-експертите работат на тоа какви последици донел овој напад врз системот на Парламентот на Албанија“, се додава во соопштението.
Се истакнува дека продолжува работата за враќање во нормала на веб-страницата на Парламентот на Албанија.
Во меѓувреме, цел на кибернапад во последните неколку часа во Албанија беше и една од компаниите за телекомуникациски услуги.
Потсетуваме, во јули и септември 2022 година албанските власти потврдија дека бил извршен масовен кибернапад врз Албанија. Според властите, „киберагресијата била оркестрирана и спонзорирана од Исламската Република Иран“.
извор:Анадолу.
фото:Анадолу.