Претседателот на државата Стево Пендаровски размислува во следните денови да испрати порака до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за екстрадицијата на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, да се случи побрзо. Пендаровски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 вели дека не треба да се дозволи процесот да трае предолго.
„Тоа е работа на министерот за правда кој тоа и го направи (испрати барање за екстрадиција, н.з.), меѓутоа случајот е прекрупен за да оставиме туку така да се одвива по некои бирократски коридори и тоа не дај боже да трае со месеци или со години“, вели Пендаровски прашан дали може да биде обвинет дека се меша во независноста на судската власт во Турција.