Перински : Отповикувањето на градоначалник би требало да биде преку референдумско изјаснување

Отповикувањето на градоначалниците што нема да ја извршуваат својата функција за која се избрани од страна на граѓаните би требало да биде преку референдумско изјаснување, открива во интервју за МИА министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Отповикувањето на градоначалник е една од новините што треба да бидат дел од законското решение за локална самоуправа кое се предвидува да биде готово до март, а за кое дотогаш ќе се отвори широк консултативен процес во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни – експерти, градоначалници, претседатели на совети, граѓани сектор.

– Во суштина, отповикот на градоначалник врз основа на примерите кои пред да започне процесот ги разговаравме со експертскиот тим, би требало да биде преку референдумско изјаснување на оние кои истиот градоначалник го довеле на таа позиција на која што е. Мора да бидеме многу внимателни и сите измени да ги интегрираме согласно Уставот за да немаме после тоа проблеми и аномалии во донесувањето на истото законско решение. Значи навистина ќе се внимава на секој момент и затоа мислиме дека е најсоодветно оваа промена или оваа адаптација на законот да оди преку референдумско изјаснување на граѓаните од таа општина, во која што треба да се јави оваа можност во иднина, вели Перински.

Денеска е одржан и првиот иницијален состанок со експертскиот тим, кој во првата фаза треба да ги увиди слабостите на постојното законско решение преку детална анализа.

Главната интенција за можноста за отповикување на градоначалник, како што посочува Перински, произлегла од секојдната комуникација со граѓаните.

Новина во законот треба да биде и комуналната полиција за која министерот вели дека ќе им заштеди средства во буџетите на општините затоа што ќе се спречи девијантното однесување на поединци и нема да има потреба од дополнителни финансиски средства за санација на уништената урбана опрема.

Целото интервју со видео материјал ќе биде објавено утре. Во него министерот говори и за тоа зошто дел од општините не добија пари за инфраструктурни проекти, каков е неговиот став за финансирањето на здружението на граѓани – Албанска академија на науките и ументостите и дали ќе се кандидира за градоначалник на следните локални избори