Бугарските студенти рецитираат на руски јазик. Руска институција дистрибуира снимки од нив. Објавите во медиумите и социјалните мрежи зборуваат за руска пропаганда во училиште. Бугарски министер и директор на училиште не гледаат никаков проблем. Но, зад многу од дејствијата опишани како пропаганда, всушност стои руската држава.
Ученичка од Јамбол стои пред камерата, веројатно во својот дом. Таа носи бел дуксер. Таа почнува да чита. На руски. И она што го чита е поемата „Бесмртниот полк“. На дуксерот има и лента со ликот на Свети Ѓорѓи – руски воен симбол.
Ова е еднa од неколкуте слични објави од крајот на април со бугарски ученици на каналите на Рускиот културно-информативен центар(РКИЦ) во Софија, кој е официјално претставништво на Руската Федерација (РФ).
Публикацијата е поврзана со конкурс насловен „Се сеќаваме! Горди сме“, посветен на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна во Европа, која СССР, а потоа и Русија, ја нарекоа „Голема патриотска војна“ и ја одбележаа на 9 мај. Во остатокот од светот, предавањето на нацистичка Германија е на 8 мај.
Сето ова се случува во контекст на тековната трета година од неиспровоцираната војна на Русија во Украина како и откако Москва ги прогласи Бугарија и речиси сите членки на ЕУ за „непријателски држави“.
Конкурсот на РКИЦ не е изолиран настан. Пред неколку дена, во материјал објавен од БНТ, со помош на страницата Капутин и групата BG Elves, како и страницата Данибон (Danybon), беа забележани бројни случаи на руска пропаганда во училиштата низ целата земја.
Станува збор за руски катчиња во училиштата, прославување на руските празници и натпревари, најчесто поврзани со рускиот јазик. Многу од овие иницијативи се или поврзани со руската држава или се финансирани од организации кои отворено изјавуваат дека нивната цел е да го промовираат рускиот поглед на светот. Некои се исто така под санкции на ЕУ.
Се чини дека ништо од ова не го загрижува Министерството за образование (МОН) и неговите органи. Напротив. Некои од нив придонесуваат за поширокиот опсег на конкурси меѓу бугарските училишта и учествуваат на форуми поврзани со ширењето на рускиот јазик.
Како одговор на критиките, министерот за образование Красимир Валчев објава на Фејсбук признава дека некои „политички си играат со русофобијата“.
Радио Слободна Европа испрати прашања до Министерството за образование на тема руска пропаганда во училиштата, но до моментот на објавување на текстот не доби никакви одговори.
Дали образованието во Бугарија се користи како канал за промовирање на руска пропаганда и создавање чувство на припадност кон Русија и нејзините каузи?
Во руска униформа, со руско катче на руски празник
Обидот за наметнување на руската култура и она што Москва го претставува како вредности поврзани со таканаречениот „Руски свет“ („Русский мир“) не е нов феномен. Анализите и истражувањата покажуваат дека во Бугарија постои плодна почва, вкоренета во образованието по предмети како што е историјата.
Откако Владимир Путин дојде на власт пред 25 години, а уште повеќе од почетокот на војната во Украина во 2022 година, образованието се користи како оружје во самата Русија.
slobodnaevropa.mk