Петарди: Пет загинати во новогодишната ноќ во Германија

За полицијата и пожарникарите во Германија, новогодишната ноќ значи значително поголем број итни интервенции и пожари од вообичаеното. Според оценките дочекот на 2025 година минал претежно мирен во земјата со 84 милиони жители, но не насекаде. Смртоносни и други сериозни инциденти со пиротехнички средства имало на повеќе места во земјата, во кои загинале пет лица а десетици други биле повредени, некои и потешко. Освен тоа еден полицаец е тешко повреден во Берлин, погоден од пиротехничко средство, соопштија денеска германските власти.

Во Берлин, каде поради страв од безредија беа мобилизирани силни органи на редот, приведени се околу 330 лица, соопшти полицијата.

Повредени се вкупно 13 полицајци, од кои еден потешко и морал да биде опериран. Тој бил погоден од нелегално произведено пиротехничко средство, изјави портпаролот на полицијата.

Повеќe полицајци и спасувачи се погодени од пиротехнички средства за време на интервенциите за време на новогодишната ноќ, рече портпаролот, но додаде дека, за разлика од некои претходни години, во Берлин немало насилства или поголеми инциденти.

Кога станува збор за жртви во несреќи поврзани со пиротехнички средства, 24-годишен маж загинал за време на активирањето на пиротехничка ракета, во близина на Падерборн во Северна Рајна Вестфалија, на северозападот на земјата, соопшти локалната полиција, која се сомнева дека самиот тој ја направил ракетата.

Во Ошац, во Саксонија на истокот на земјата, 45-годишен маж починал од тешки повреди на главата кога запалил пиротехничка бомба. Полицијата соопшти дека се работи за моќно пиротехничко средство од категоријата Ф4, за чија набавка е потребна посебна дозвола.

И во Саксонија, 50-годишен маж загина во местото Харт кога се обидел да активира пиротехничка бомба, при што се здобил со тешки повреди на главата и починал на лице место, соопшти полицијата.

Во близина на Хамбург, 20-годишен маж загинал кога запалил пиротехничка ракета, а во Кремен, во областа Бранденбург во околината на Берлин, маж починал како резултат на неправилно палење пиротехничко средство, изјави портпаролот на локалната полиција.

Во таа област во слични околности тешко биле повредени уште тројца мажи.

Германците традиционално ја слават Новата година со особено интензивна употреба на огномет, што редовно предизвикува дебата за забраната на најсилните средства поради зголемениот број на повреди, но и поради загадувањето и силната бучава која ја произведуваат.

 

 

DW