Република Македонија денеска одбележува пет години од историскиот влез во Северноатлантската алијанса – НАТО, еден од најзначајните надворешно-политички приоритети на државата по стекнувањето независност.
На 27 март 2020 година, по долги години реформи, политички договори и стратегиски напори, земјата стана 30-та членка на најголемиот воено-политички сојуз во светот. Овој чекор беше поздравен како гаранција за безбедност, територијален интегритет и политичка стабилност, особено во контекст на бурниот Балкан.
Во изминативе пет години, Северна Македонија учествуваше во повеќе меѓународни мисии под знамето на НАТО, како дел од колективните напори за зачувување на мирот во светот. Македонските војници беа распоредени во Ирак, Косово, Летонија и други жаришта, зацврстувајќи ја позицијата на земјата како активен и одговорен сојузник.
Иако членството во НАТО значително ја зголеми стратешката позиција на земјата, остануваат предизвици – пред сè потребата од модернизација на Армијата, зголемување на буџетот за одбрана и натамошно усогласување со стандардите на Алијансата.
Одбележувањето на петгодишнината од членството во НАТО е потсетник за долгиот пат што Македонија го помина до своето полноправно членство, но и за обврските што произлегуваат од него. Како дел од колективниот одбранбен систем, земјата се наоѓа пред нови одговорности во време на глобални безбедносни ризици.