Пишман асфалтирање на паркот

Градоначалничката Данела Арсовска вчера се пофали дека ги асфалтираат земјените пешачки патеки во Градскиот Парк. Директорот на Улици и патишта денеска вели дека таа не била добро разбрана. Граѓаните реагираа што булевари стојат раскопани со месеци, а паркот го асфалтираа во еден ден.

По бурните реакции во јавноста за асфалтирањето на земјените патеки во Градскиот Парк, скопската градоначалничка се пишмани. Патеките нема да се асфалтираат.

Вчера беше асфалтирана патеката околу лавиринтот, а Градот најави дека ќе се асфалтираат вкупно 7.500 метри земјени патеки во овој дел од паркот. Денеска работниците од Улици и патишта почнаа да поставуваат ризла на останатите патеки.

Директорот на ЈП Улици и патишта Борис Настов денеска вели дека немале намера да асфалтираат земјени патеки, туку погрешно биле разбрани.

Сепак, градоначалничката Данела Арсовска вчера јасно кажа дека „од вкупната површина, 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани, а 5.000 квадратни метри пешачки патеки кои се затекнати во лоша состојба со големи оштетувања, ќе бидат санирани со нова асфалтна маса“.

&Во однос на патеката околу лавиринтот, која е веќе асфалтирана, Настов вели дека ќе биде покриена со тартан, пренесува денеска СДК.

„Просторот околу лавиринтот ќе биде со тартан. Мора прво асфалт да се стави па после тартан. На патеките ќе има или ризла или речен камен и песок односно природни материјали“, рече Настов.

Арсовска вчера на Фејсбук се пофали дека ги асфалтирале пешачките патеки во Градскиот Парк, меѓу кои и оние кои беа покриени со ризла.

Јавноста бурно реагираше на потегот. Архитектите велат дека тие патеки 100 години не биле асфалтирани со причина, за да се задржи природниот амбиент и посочуваат на парковите во западноевропските држави, други се жалат дека асфалтот ќе загрева, а трети прашуваат како градот успеа за еден ден да го асфалтира паркот, а со месеци стои раскопан булеварот Киро Глигоров од Мостот Близнак кон Бриколаж.

Други, пак, потсетуваат дека Арсовска стана градоначалничка со ветување за бесплатен јавен превоз.

Од Град Скопје, пак, соопштија дека асфалтирањето се врши од практични причини. Граѓани се жалеле дека на земјените патеки се собира вода, кал, а од ризлата се крева прашина и се разнесува на сите страни.

„Мајки се жалеа дека до детското игралиште не можат да пристапат со количка“, изјавиле од Град Скопје за порталот СДК.

 

Радио Слободна Европа