Седумкратниот шампион на Формула 1, Британецот Луис Хамилтон, од 2025 година ќе настапува за тимот на Ферари, потврди вчера италијанскиот тркачки тим, пренесува Анадолу.
„Скудерија Ферари со задоволство објавува дека Луис Хамилтон ќе му се приклучи на тимот во 2025 година со повеќегодишен договор“, се вели во соопштението објавено на социјалната мрежа Х.
Хамилтон (39) возеше за тимот на Мерцедес-АМГ ПЕТРОНАС Ф1 од 2013 година, освојувајќи шест од своите седум титули Ф1.
Последната титула шампион на Ф1 Хамилтон ја освои во 2020 година.
„Минав неверојатни 11 години со овој тим и многу сум горд на она што заедно го постигнавме. Мерцедес е дел од мојот живот од 13 години. Тоа е место каде што израснав, така што одлуката да заминам беше една од најтешките одлуки што некогаш сум морал да ја донесам“, рече Хамилтон.
Тој додаде дека е возбуден што прифатил нов предизвик.
Хамилтон му се заблагодари на Мерцедес за „неверојатната поддршка“ и вети дека ќе даде сѐ од себе во сезоната 2024 која започнува на 2 март во Бахреин.
„Посакувам заедно да завршиме на највисоко ниво. Сто отсто сум посветен на тоа да постигнам најдобар резултат што можам оваа година и да ја претворам својата последна година со Сребрените стрели (Мерцедес) во година за паметење“, додаде тој.
Хамилтон заедно со Шарл Леклер ќе возат за Ферари во 2025 година бидејќи возачот од Монако неодамна го продолжи договорот со тимот.
Шпанецот Карлос Саинз, сегашниот колега на Леклер, соопшти дека ќе го напушти Ферари кон крајот на 2024 година.
извор:Анадолу.
фото:Анадолу.