Повеќемина повредени во напад со нож во Хамбург

Напад со нож на главната и многу фреквентна железничка станица во германскиот град Хамбург заврши со повеќе повредени лица, од кои некои се во животно загрозувачка состојба, соопштија властите. 39-годишна жена е уапсена како осомничена за нападот.

Според официјалните податоци 17 лице се повредени, од кои четири се во критична, а шестмина во тешка здравствена состојба.

Напаѓачката ги нападнала патниците на перонот помеѓу шините 13 и 14, околу 18 часот, соопшти полицијата. Станицата во центарот на Хамбург, вториот по големина град во Германија, претставува важна крстосница за локални, регионални и меѓуградски возови.

Германија беше сведок на неколку масовни напади со нож во последните години, во Вирцбург (2021), Брокштедт (2023), Солинген (2024), Ашафенбург и Берлин (2025).

Нема политичка позадина
Полицијата соопшти дека 39-годишна жена, германска државјанка, е уапсена на местото на настанот без отпор и дека, според прегледаните видео-снимки, се верува дека дејствувала сама. Ножот е обезбеден како доказ.

Досега, според полицијата, нема индиции за политичка мотивација, а истражителите испитуваат дали осомничената можеби имала психичко нарушување, изјави портпаролот на полицијата, Флориан Абензет.

Железничкиот оператор Дојче Бан соопшти дека е „длабоко потресен“ од нападот. Четири шински правци на станицата беа затворени во петокот навечер, а некои меѓуградски возови беа одложени или пренасочени.

Носењето оружје, вклучително и ножеви, е забрането на станиците и во јавниот превоз во Хамбург.

Кабинетот на канцеларот Фридрих Мерц соопшти дека германскиот лидер е потресен од веста и во телефонски разговор во петокот навечер му изразил сочувство на градоначалникот на Хамбург, Петер Ченчер, велејќи: „Моите мисли се со жртвите и нивните блиски.“

 

 

DW