Минатата година во Германија се затворија 196.100 бизниси, што е за 16 проценти повеќе отколку во 2023 година. Ова е најголем број затворања од 2011 година и глобалната финансиска криза, објавија во среда агенцијата „Кредитреформ“ и економскиот институт ZEW, како што објави агенцијата ДПА.
- Бројот на компании што трајно ги затвораат своите врати во сите сектори на економијата е алармантен – рече Патрик-Лудвиг Ханц од „Кредитреформ“.
Во индустрискиот сектор, домашните фирми страдаат од високи трошоци за енергија во производството и зголемена конкуренција од странство, додаде тој.
Во енергетски интензивниот производствен сектор, бројот на пропаднати компании се зголеми за 26 проценти, на 1.050. Слична е ситуацијата и во ИТ секторот, развојот, еколошките технологии и дијагностиката.
Сандра Готшалк од ZEW нагласи дека овие сектори треба да доживеат раст бидејќи се ориентирани кон иднината. Сепак, овие фирми страдаат од сериозен недостиг на квалификувана работна сила.
- Поради недоволен број работници, компаниите не можат да добијат доволно нарачки и стануваат економски неодржливи – рече Готшалк, како што објави списанието „Феникс“.
Многу од затворените компании работеа во фармацевтскиот и хемискиот сектор. Повеќето беа мали бизниси, но во последните неколку години, и поголемите компании се затвораа.
Извештајот покажува дека не сите затворени компании банкротирале, но дека сопствениците честопати не успевале да најдат наследник пред да се пензионираат.
4news.mk