Во очекување на владината одлука дали ќе има ограничување на маржите на 10 проценти во трговијата на мало и на големо, партиите и трговците доставија свои предлози, коишто сметаат дека ќе резултираат со намалување на цените на храната во Северна Македонија, коишто го исцрпуваат семејниот буџет.
СДСМ поднесе закон за намалување на ДДВ за струја од 18% на 5% и укинување на ДДВ на храната. „Намалувањето на ДДВ за електричната енергија ќе значи 13% пониски сметки, односно поевтина струја за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедат околу 400 денари – износ што, наместо да оди во државниот буџет, ќе остане во семејните буџети“, вели пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.
Укинување на ДДВ за храната
Според него, укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи ќе доведе до поевтинување на храната, односно намалување на цените на основните прехранбени производи за 5%.
„Со поднесувањето на овој предлог-закон по скратена постапка, започнуваме процес за системска реализација на мерките што директно ќе го олеснат финансискиот товар на граѓаните. Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина се грижи за животниот стандард, ќе го поддржи овој предлог. Секое одолговлекување значи нов удар врз семејните буџети“, велат од СДСМ, кои сметаат дека владините антикризни мерки изминатиот период доживеаја фијаско и немаат ефект за подобрување на животот на граѓаните.
Партијата Левица, пак, во Собранието предложи враќање на патните трошоци за работниците. Со измени во Законот за работни односи, партијата предлага да се врати ова право на работниците, за кое велат дека е оставено на волјата на работодавците. Во моментот, законот не го предвидува ова, додека од 2005 година се признаваа овие надоместоци, а нивната висина беше утврдена со општиот колективен договор.
Трговците доставија предлози за намалување на цените
Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат доставија предлози за намалување на цените на групи производи. Предлозите се подготвени по состанокот во петокот (14.02) во Министерството за економија, на кој претставниците на трговците и дистрибутерите побарале да има реално намалување на цените на 100 до 200 производи, место на над 1.000 производи.
Дали ќе биде прифатен ваквиот предлог и кои се следните чекори на Владата ќе се знае до крајот на неделата. По зголемувањето на цените на храната и бојкотот на маркетите, Владата неодамна побара да се размисли за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна. Со Предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.
DW