Повредените во Кочани ќе добијат центар за дружби и креативни идеи

Модерен и иновативен центар за развивање креативни идеи, ќе добијат младите кои беа повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, најави министерот за здравство, Азир Алиу на брифинг со новинарите.

Целта на здравствените власти е преку отворањето на овој центар да им понудат помош на повредените, на тој начин што ќе создадат простор за нивна дружба и како што рече, реализација на проекти.

Во недостиг на конкретни информации, новиот министер кусо посочи дека на повредените освен здравствени, потребни им се и други услуги.

„Ние сме луѓе, сакаме да работиме заедно, да се дружиме и креаираме и тој центар ќе има токму таква инфраструктура која ќе нуди таков тип на сервиси за граѓаните. Верувам дека од таков тип на центар ќе излезат можеби и старт-ап компании со нови идеи во здравството и во други решенија. Тие млади се многу креативни, само им треба инфраструктура и менторирање за да реализираат креативни идеи во проекти, компании и така натаму“, рече Алиу.

Барање за нови вработувања во болницата во Кочани

Тој веќе добил и барање за нови вработувања за болницата во Кочани, чие реновирање би требало да заврши за две до три недели.

Министерот не одговори конкретно дали барањето е одобрено, но кажа дека итни вработувања во здравството се бараат во целата држава.

„Мора да ги опслужиме сите граѓани. Овие два дена имаме интензивни состаноци за овој проблем и во склоп со законите во државата за да не се прескокне некој процес. Ако некогаш се направи преседан на прескокнување на некој процес и да е за вработување, тогаш може да се случи и во други процеси, ќе бидеме претпазливи, а брзи“, истакна Алиу.

Додека повредените во Кочани закрепнуваат со помош на донации, надлежното министерство допрва планира да го преземе менаџирањето со сите процеси поврзани со трагедијата. Алиу информираше дека е направена работна група со домашни и странски експерти, доктори од Кочани, но и претставници од невладини организации.

„Ќе направиме акциски план со јасно дефинирани човечки ресурси и очекувани резултати. Исто така, креираме и работни групи за кризен менаџмент. Секој од нив ќе има јасно дефиниран опис на активности и не дај Боже ако ни се случи утре нешто, вработениот ќе знае дека треба да оди на работа, бидејќи е дел од работна група која ќе се справува со такви ризици и предизвици“, потенцираше министерот.

 

 

 

 

 

slobodnaevropa.mk