Од новата академска 2023/2024 година повторно ќе функционира Лекторатот по македонски јазик при Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана.
Веста ја објави претседателот на македонското друштво „Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај. Вели дека ова е историски ден за Македонците во Република Албанија.
„Чувствувам огромна радост и задоволство да информирам дека добивме позитивен одговор на барањето поднесено од Македонското друштво „Илинден“-Тирана за повторно активирање на лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана“, рече Ѓурѓај за МИА.
Во одговорот на барањето потпишан од деканката Есмералда Кромида се наведува дека Факултетот во својата дејност позитивно го оценува вклучувањето на јазиците од регионот вклучувајќи го и македонскиот.
Лекторатот, кој функционираше до пред десетина години, според Ѓурѓај, имал по 30 студенти, а интересот бил многу поголем.
MIA