Надлежните институции во земјава малку ги користат податоците за вистинските сопственици во насока на спречување, откривање и санкционирање на перењето пари и во борбата против тероризмот, а се чини, воопшто не ги користат за други цели и за спречување корупција, криминал и злоупотреби во другите области.
Ова се наодите од анализата на користењето на податоците за вистинските сопственици во борбата против корупцијата во државава на Центарот за граѓански комуникации, Здружението на даночни советници и Активо.
Според анализата, институциите и надлежната Управа за финансиско разузнавање имаат различни податоци за бројот на случаи против перењето пари и финансирањето тероризам.
„Од 2022 до април 2024 година, Управата примила 194 иницијативи од надлежните органи од кои, натаму, изработила и поднела 21 извештај до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Дополнително, Управата во истиот период поднела до ова обвинителство и 50 извештаи за сомнителни трансакции, по сопствена иницијатива. Од вкупно 71 извештај што Управата го има поднесено до Обвинителството, 70 проценти се по сопствена иницијатива, а останатите 30 проценти по претходно примена иницијатива од некоја од надлежните институции. Од 17 институции во земјава со коишто Управата треба да соработува, од кои осум се директно наведени во законот дека треба да се борат против перењето пари и финансирањето тероризам, само две имаат конкретни бројки за случаите за коишто користеле податоци од Регистарот на вистински сопственици“, покажува анализата.