Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Васил Јованов кој се терети за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Како што соопштуваат од обвинителството сите докази и вештачења се собрани во период од два месеци кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот за кое е запретена максимална затворска казна до 20 години.
„Согласно доказите, на 29 јануари, 15 минути пред полноќ, обвинетиот, без воопшто да поседува возачка дозвола, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко. Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили алкохол во крв, но и со брзина на движење од 91 km/h што е речиси двојно поголема од дозволената.
Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот “Партизански одреди” и улицата “29-ти Ноември“ продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци.
Од силата на ударот, оштетената се издигнала во воздух и удрила во семафор, поставен на разделното пешачко стојалиште, па се здобила со тешки телесни повреди од кои починала на лице место“, велат од обвинителството.
Поради околности кои укажуваат дека постои страв од бегство но и возраста на обвинетиот објектот на заштита, сериозноста и тежината на кривичното дело и другите факти, јавниот обвинител проценил дека се уште опстојуваат законските основи поради кои на обвинетиот му беше определена мерка притвор, па од Судот е побарана притворската мерка да биде продолжена.
skopjeinfo.mk